vezilka RR
|
Ако министерот за здравство Никола Тодоров донесеше закон во Собранието за задолжително сексуално образование или едукација за планирање на бременоста, односно за последиците од несакана бременост, не верувам дека некој ќе му се налутеше, а уште помалку дека некој ќе излезеше на улица да протестира. Арно ама, наместо тоа, тој избра скалпел предлог-закон со промени во постапката за прекинување на бременоста, да става ред онаму за каде што прво треба да праша. Ги прескокна најзасегнатите, жените, во име на нивното здравје, но и лекарите, социјалните работници, на крајот на краиштата, и јавноста. Наместо тоа, сам дефинираше што е потребно, а што не, во скратена постапка. Или можеби не бил сам, но тоа не се прави во кабинетот. Така, абортусите станаа проблем, кој се решава од опашката наместо од главата. И сега, наместо жените да одат на едукација за планирање на бременоста, тие излегоа на улица. Оти имаат право на тоа, како што само тие одлучуваат за своето тело. Но да фатиме со ред. Наместо на јавна расправа, предлог-законот „буфна“ на Фејсбук во вторник вечерта, откако еден од медиумите објави на порталот дека жените ќе може да абортираат еднаш годишно до 10-та гестациска недела. Во спротивно, комисија ќе одлучува за иднината на нивната бременост. Лавината тргна. Се покажа дека многумина не знаеле оти овие правила се дел и од стариот закон и биле во сила и досега. Колку се почитувал стариот закон е друго прашање. Со работите што се исти во стариот закон и новиот предлог-закон, министерот Тодоров се обиде да се одбрани пред „бунтовниците“ дека не се крати и не се усложнува правото на абортус. И тука веројатно мислеше оти сите ќе замолчат. Но само ги натера детално да ги споредат двете решенија и да му ги извадат пред лице премолчените разлики и неговата улога во новиот закон. Премолчувањето беше чудно и ако се земе предвид дека за една промена министерот знае да одржи и три прес-конференции. Така, за разлика од старото решение, во новиот предлог се определува жената што сака да абортира задолжително да поднесе писмено барање, чија форма и содржина не е позната и треба да ја определи министерот. Ако жената слободно одлучува за абортусот, зошто тогаш да поднесува барање, кое може да се одобри или да се одбие и тоа за услуга што ја плаќа? Постои опасност жени да побараат да извршат абортус на места каде што нема потреба од поднесување барање или на небезбедни места да абортираат на диво. Од друга страна, со писменото барање оваа услуга се издвојува од другите медицински услуги. На пример, не се поднесува барање за операција на слепо црево. Предлогот вели дека пред прекинување на бременоста, докторот е должен да изврши советување на бремената жена за можните предности за продолжување на бременоста, како и за ризиците при спроведување, односно неспроведување на интервенцијата по здравјето и животот на жената, методите за вршење на прекинувањето на бременоста и да ги запознае со можностите и методите за спречување на бременоста. Содржината и начинот на советувањето ги пропишува министерот за здравство со посебен акт. Во стариот закон се вели дека лекарот ќе ги предупреди бремената и нејзиниот брачен другар на можните штетни последици од прекинувањето на бременоста по здравјето и животот на жената и ќе ги запознае со можностите и методите за спречување на несаканата бременост. Се поставува прашањето дали со задолжителното советување, кое не е медицинско, ќе се потцени правото на жената самостојно да донесува одлука и на тој начин ќе ја изложи на морален и емотивен притисок да ја смени веќе донесената одлука. Исто така, во новиот предлог е предвидена казна од 2.000 до 3.500 евра за здравствен работник ако не ги информира бремената жена и нејзиниот брачен другар пред прекинувањето на бременоста, т.е. ако задолжително не ги советува. Се поставуваат прашањата: Што доколку брачниот другар не дојде или не сака да дојде на советувањето? Како лекарот ќе гo покани да го информира? Или, ако не сака да дојде, дали тогаш ќе се изврши абортусот? Што доколку се работи за проблематичен брак и по информирањето на сопругот, жената има притисоци и проблеми дома? Што доколку се работи за вонбрачна бременост, односно за бременост за која жената не сака да го информира сопругот? Дали државата има намера да се меша во односите меѓу брачните другари или да изигрува морален судија? Премногу лични прашања за да се регулираат со закон. Ова е уште една опасност жените да се решат да абортираат онаму каде што има едноставна процедура за абортус или на црно, во небезбедни, нелегални ординации, кај надрилекари, каде што може да им биде загрозено здравјето. Во предлог-законот се вели и дека здравствената установа за прекинување на бременоста е должна да организира задолжително советување преку услуги за соодветно информирање (брошури, летоци, плакати и друго), поддршка и советување на бремената жена и нејзиниот брачен другар од прекинувањето на бременоста по здравјето на жената и нивно запознавање со можностите и методите за спречување на бременоста. При спроведувањето на советувањето, треба да се вклучи и психосоцијална поддршка на бремените жени, во соработка со специјализирани здравствени установи, како центрите за социјална работа. Советувањето од психолог и социјален работник на „прва рака“ изгледа одлично решение. Но за да биде успешно, зарем жената не треба да изрази потреба и да биде подготвена за него, па и да избере кому му верува за тоа. Задолжителното советување многумина што се решени да абортираат ќе го разберат како дополнителна отежнувачка процедура и постои опасност да одлучат да ја прекинат бременоста на диво. Такво советување, објаснија од Министерството, е правило во многу развиени земји. Но дали со иста леснотија би го прифатиле Македонка и Холанѓанка? Или Македонката ќе се „тресе“ стрината на комшиката да не ѝ се погоди во тимот советници? Бремената жена сигурно нема да мисли на казните што се предвидуваат за евентуалната непрофесионалност и откривањето на приватноста, како и постапката ако тоа се случи. Таа може само да одлучи да абортира на црно, а државата тогаш постигнала обратен ефект. Токму поради низата прашања, донесувањето нов закон бара обемно истражување и за социјално-општествените услови, за менталитетот, навиките... А тоа секако не подразбира скратена постапка. Со серијата процедури до абортус, лично сметам дека се усложнува процедурата и се зголемува опасноста жените да почнат да абортираат на диво. Но иако многумина го делат моето мислење, ајде да претпоставиме дека не сме во право. Зарем на Фејсбук треба да се расчистува за тоа? На законот му се потребни планирано носење, задолжителни ултразвучни или ехо-прегледи, скрининзи за евентуални компликации и нерегуларности, па и проверка за генетски и наследни малформации. Сетете се на бебето Најден. Жената што не абортирала, го родила дома. Бебето беше најдено во туѓ двор, со исечен јазик, давено. Сетете се и на неодамна забранетата реклама: „Три ноќевања и абортус во Сараево за 600 долари“. И, секако, абортусот не е добро решение. Но доколку жената не сака или не може да роди, тој е право на нејзин избор. Подобро решение од него за да не дојде до несакана бременост е едукацијата. Но навреме! Оти се отпосле е „по свадба, тапани“. Колку за потсетување, сексуалното образование во училиштата е сведено на дел од прирачникот „Животни вештини“, за кој класните раководители може, доколку сметаат дека треба, да зборуваат на класниот час, меѓу неколку расчистувања за оправдани и неоправдани изостаноци. Значи, да расчистиме. Законот за прекин на бременоста не е ист со претходниот! Или, пак, министерот не ги гледа разликите?! Исто како што не го гледаше штрајкот на лекарите во почетокот, па потоа прогледа? Сега реши да погледне со едно око, па отпосле го стави законот на јавна расправа? Промените најмалку од сѐ се однесуваат на запирки. За него треба сите да си кажат што мислат, и оние „за“ и оние „против“. Прашање е дали за тоа е доволна само собраниска расправа. За навистина да се заштити женското здравје и да не се ограничува правото на одлука и избор, кое во Македонија се практикува со децении. Кога седна во министерската фотелја, Тодоров во интервју за „Нова Македонија“ изјави: „Да, ќе правам брзи и енергични џиуџицу-потези, но двапати ќе мерам, а еднаш ќе сечам“. Време е да си го најде метрото. Автор: Наташа Бошковска-Златков Извор: Нова Македонија
|