ripce -> RE: Постпородилна депресија (4.1.2010 0:31:20)
|
Постпородилна депресија се надминува со љубов Постпородилната потиснатост е прилично честа и може со право да се нарече нормална состојба, но ако е нагласена и продолжена, може да биде прв знак за развој на постпородилна депресија. Доброто емоционално чувствување на мајката по породувањето е од животно значење за развојот на односот меѓу неа и новороденото. Раѓањето на детето и мајчинството се значајни моменти во животот на жената и често се проследени со силен биолошки, психолошки и социјален стрес, што може да предизвика или да ги нагласи емоционалните пречки кај мајката. Постпородилниот реактивен синдром вклучува широк спектар психијатриски болести како што се шизофренијата, психоневрозата, но најчеста е постпородилната депресија, која може да биде дискретна и вообичаено се нарекува постпородилна потиснатост, но може да се развие и во вистинска форма на психоза. Постпородилната потиснатост се јавува 48 часа по породувањето и се манифестира со зголемена емоционална лабилност и со, на прв поглед, необјаснива и неочекувана плачливост. Мајката се чувствува физички и психички исцрпена. Таа состојба најчесто исчезнува постепено за два до три дена, а понекогаш трае и до десет дена. Во тој период на мајката и се потребна поддршка и разбирање од медицинскиот персонал и од членовите на нејзиното семејство. Но, ако потиснатоста продолжи или симптомите се влошуваат, тоа може да биде прв знак за развој на постпородилна депресија. Вистинска постпородилна депресија може да се појави во првите шест месеци по породувањето, но најчесто се појавува во времето кога мајката се враќа во домашна средина. Тогаш мајката, од една страна, е лишена од чувството на сигурност што го нуди породилиштето, а од друга страна, изложена е на стресовите поради мајчинството и грижата за другите членови на семејството. Најтешката форма на постпородилна депресија, депресивна психоза, не е тешко да се препознае. Лесно се забележуваат самоубиствени мисли, обиди за самоубиство, халуцинации, закани со насилство или насилство врз детето. Многу почесто се јавуваат полесни форми на депресија, кои полесно и се предвидуваат. Најчести симптоми се несоница, немање апетит и губење на телесната тежина, немир, апатија, зголемена раздразливост, емоционална лабилност, чувство на очај и безнадежност, нерешителност, деконцентрација, а чести се и психосоматските тегоби, во прв ред гастроколичните. Жените често имаат чувство дека не можат да сакаат или не можат доволно да сакаат. Истовремено, недефинирано е чувството кон детето, кое кај умерените случаи се манифестира со одбивање на мајката да го храни детето, таа нема желба да го види или воопшто не покажува интерес за него. При рутински прегледи треба да се забележи податок за психоза по претходни породувања, но и појавите од типот дека сопругот не ја сака, дека бременоста е несакана или непланирана, дека има брачни тешкотии или дека не е во брак или е разведена. Ако во семејството на трудницата имало семејно насилство, патолошка љубомора, лоша идентификација со мајката, сето тоа може да значи предиспозиција за депресивна психоза. Гинекологот, лекарот од општа практика, педијатарот и другите здравствени работници мора на жената да и обезбедат максимална емоционална и физичка потпора за време на бременоста, породувањето и во периодот по породувањето. Потребно е да му се објасни на сопругот колку на жената и значи чувството на љубов и сигурност. На жената мора да и се обезбеди максимална емоционална потпора и физичка помош од семејството, сопругот и од пријателите. Кога се чини за потребно, психотерапијата може да почне и во текот на бременоста.
|
|
|
|